Не постои сигурен начин да станете родител, но постојат милион начини да бидете добар родител!“ – Џил Черчил.
“Ова е една приказна за нас како родители, наша приказна, на почеток слична на многу други приказни, а сепак на крајот поинаква…
Приказна за една борба, неизмерна болка, упорност која на крајот завршува со радост и неизмерна среќа. Приказна за нашата борба, и приказна за нашиот начин да станеме родители.
Ние сме брачен пар кој 18 години чекаше дете, имаше 5 спонтани абортуси и едно бебе кое требаше да се роди на Божик. Требаше тоа да биде најубавиот подарок во нашите животи. Но не бидна…
И тогаш заклучивме дека друг е патот кој треба да го одиме. Тогаш се одлучивме за посвојување. Не знаевме што и како. Само знаевме дека сакаме дете. Само во тоа бевме сигурни.
Со помош на ЦСР ја завршивме сета административна работа и за неполна година ја добивме нашата најголема среќа. Добивме ќерка. Дали знете колку солзи пролеавме кога прв пат го гушнавме своето дете. Дали знаете колку е голем зборот и како се чувствувавме кога прв пат го слушнавме долгоочекуваниот збор МАМО и ТАТО???
И не, овде не завршува нашата приказна.
Имавме дете, кое е наше, со сите права и обврски кои ги носи посвојувањето. Но недостасуваше нешто, уште некое делче од нашата сложувалка наречена семејство.
Сега сите тројца почнавме да зборуваме за братче или сестриче. Знаевме дека второ посвојување е речиси и невозможно поради бројот на посвоители кои чекаат во регистерот на посвојувачи.
Тогаш речиси магично, прашувајки за тоа како да помогнеме на СОС Детско Село, СОС Детско село ни помогна нас.
Во телефонскиот разговор со нив ги добив сите информации за згрижувањето. Ја споделив информацијата дома, точно разграничувајки ја разликата мегу посвојување и згрижување на сопругот. И одлуката остана иста, свесни за начинот на кој добиваме уште еден член во нашето семејство.
И се случи многу бргу. Еден состанок и посетување на една прекрасна обука “Pride”. Обука која одговара на неодговорените прашања во вашата душа, обука која ве спрема уште пошироко да ги отворите рацете за детето што го очекувате да го згрижите.
Згрижување е начин да прегрнете дете кому му треба дом, семејство, љубов. Згрижување е начин да добиете љубов. По обуката еден ден го добивме повикот кој сите го чекавме од дното на душата. Ни јавија дека за едно прекрасно момче се бара згрижувачко семејство. Момче.. И потоа прва средба. Добивме фудбалер, помошник на тато во косење трева , постар брат и наша радост..
На нашиот прв заеднички ручек им објаснивме дека нашето семејство е нај посебно. Дека три различни приказни, испреплетени ни создадоа едно прекрасно семејство. Нашето семејство е уште поголемо и поубаво. И немам што повеќе да напишам, само да ви порачам ЗГРИЖЕТЕ дете, зошто згрижувањето е уште еден чекор поблизу до рачиња околу вашиот врат кои ке ве гушнат. Тоа е уште еден начин да станете одговорни родители – згрижувачи.
И да, иако се викаме згрижувачи нашата задача е да бидеме заменски родители додека тие биолошките се отсутни од животот на детето.
Ние веќе не чекаме.. Можеби ќе споделиме љубов уште со некое дете.. Бидејки кога се дели, љубовта се размножува нели?? Нашиот живот сега има нов смисол. Сега јас сум мајка, а мојот сопруг татко. Нема поголем благослов од тоа. Бидејќи како што се кажува во филмот Врба, “Мајка – не раѓа. Мајка – сака.“
Згрижувач: Слободанка и Аднан Рустемови
За повеќе информации, побарајте не на 075 277 447 или на zgrizuvanje.mk
На децата им требаме сега – Подај Рака и Промени Живот! Стани Згрижувач