Често поставувани прашања
Згрижување
За што е одговорен згрижувачот?
При изборот на згрижувачко семејство се зема во предвид општата здравствена состојба и подобноста на подносителот на барањето и на сите членови на семејството. Згрижувачот е должен на малолетното дете да му обезбеди, згрижување и сместување во семејството, нега, општа и лична хигиена, исхрана, неопходна облека и обувки, да се грижи за здравјето на детето, да се грижи за неговиот развој, воспитание и образование. Згрижувачот е должен да се грижи и за задоволување на етичките, културните, забавните и рекреативните потреби на детето кое е сместено во семејството, како и да ја почитува етничката припадност и верските обичаи на сместеното дете.
Истовремено згрижувачот е должен да овозможи продолжување на врската на детето со неговото биолошко семејство, доколку го има, и да се грижи и да го припрема детето за средбите со неговото биолошко семејство.Детето се сместува во згрижувачко семејство додека не се обезбеди трајно решение за негово сместување, а тоа е да се врати во биолошкото семејство или да биде посвоено. Законот за социјална заштита дава право на надоместок на трошоците за сместување на детето и надоместок за згрижување.
Видови на згрижување
Општо
Општо згрижување е услуга преку која на сместените лица им се обезбедува задоволување на секојдневните потреби, грижа за личноста, воспитанието, образованието, развојот, здравствената состојба, во зависност од секојдневните потреби на сместеното лице. Корисници на услугата се: стари лица, деца без родители и родителска грижа, лица со попреченост.
Роднинско
Роднинско згрижување е услуга за згрижување на дете без родители и без родителска грижа, во семејство на неговите баба, дедо, брат, сестра, вујко, чичко или тетка.
Интервентно
Интервентно згрижување е услуга на краткорочно згрижување во семејство на лица за кои е неопходна итна заштита, до изнаоѓање на соодветни облици на заштита, а најдолго до 30 дена. Корисници на услугата се: дете без родители и родителска грижа, деца од конфликтни семејства, жртви на насилство, жртви на трговија со луѓе и други лица чиј социјален проблем налага итно згрижување и заштита.
Специјализирано
Специјализирано згрижување е услуга преку која на сместените лица им се обезбедува општо згрижување на лицата и поддршка до надминување на социјалните проблеми, а која се обезбедува од страна на згрижувачи кои поминале специјализирана обука. Корисник на услугата е: дете жртва на семејно насилство, дете во ризик и дете во судир со законот, дете или лице со попреченост
Повремено
Повремено згрижувачко семејство обезбедува згрижување на дете или возрасно лице згрижено во друго згрижувачко семејство, како и за дете или возрасно лице со попреченост кое живее со родител/старател заради одмор, терапија, лекување и завршување на домашни, семејни и професионални обврски на згрижувачот, односно родителот/старателот. По престанокот на потребата од привремено згрижување, згрижувачкото семејство, односно родителот/старателот, ја продолжува грижата за детето или лицето.
Финансиски надомест
Согласно Одлуката за цената на социјалната услуга за 2024 година висината на месечниот надоместок изразен во нето износ, изнесува:
Износот на социјалната услуга за згрижување во општо згрижувачко семејство, изнесува:
- 19.683 денари месечно за дете, кога е згрижено едно дете,
- 17.065 денари месечно за секое дете, кога се згрижени две деца,
- 15.305 денари месечно за секое дете, кога се згрижени три деца,
- 14.041 денари месечно за секое дете, кога се згрижени четири деца,
- 13.089 денари месечно за секое дете, кога се згрижени пет деца.
Цената на социјалната услуга за згрижување во роднинско згрижувачко семејство, изнесува:
- 13.209 денари месечно за дете, кога е згрижено едно дете,
- 10.619 енари месечно за секое дете, кога се згрижени две деца,
- 8.878 енари месечно за секое дете, кога се згрижени три деца,
- 7.628 денари месечно за секое дете, кога се згрижени четири деца,
- 6.686 денари месечно за секое дете, кога се згрижени пет деца.
Цената на социјалната услуга за згрижување во интервентно згрижување во друго семејство, изнесува 20.760 денари месечно. Цената на социјалната услуга за згрижување во специјализирано згрижувачко семејство, изнесува:
- 25.317 денари месечно за лице со попреченост, кога едно лице е згрижено,
- 21.842 денари месечно за лице со попреченост кога две лица се згрижени,
- 22.470 денари месечно за дете/лице во ризик.
Критериуми
Згрижувач може да биде само лице кое е полнолетно. Разликата во возраста меѓу згрижувачот и сместеното лице треба да е најмалку 18 и најмногу 50 години. По исклучок, определената разлика во возраста меѓу згрижувачот и сместеното лице не се однесува доколку детето е сместено во роднинско згрижувачко семејство или доколку тоа е во интерес на детето, односно возрасното лице.
Критериуми за избор на згрижувачко семејство се:
- Возраст,
- Здравствена состојба,
- Подобност,
- Материјални услови,
- Станбени услови и
- Oбука на згрижувачите.
Потребни документи
Документи (копија) кои треба од страна на Центарот за Социјална Работа да ги достават до Центарот за поддршка на згрижувачките семејства се:
- Барање
- Извод на родени
- Извод на венчани
- Државјанство
- Потврда од матичен лекар за општа здравствената состојба на сите членови во семејството кои живеат во заедничко домаќинство
- Документ со кој се потврдува дека не му е одземено или ограничено родителското право
- Документ со кој се потврдува дека не му е одземена деловната способност
- Документ за вкупни месечни примања на целото семејство остварени по сите основи последните три месеци пред поднесување на барањето
- Документ за станбено-материјалната состојба на семејството
- Потврда за неосудуваност и за сите полнолетни членови на семејството, а за малолетните потврда од надлежниот ЦСР, дали децата се евидентирани како деца во ризик или деца сторители на кривични дела и прекршоци.
Сакам да станам згрижувач
Како да знам дали поседувам квалитети да бидам згрижувач/ка?
Имате квалитети сте да бидете згрижувач, ако сте подготвени да прифатите дете во вашето семејство на кое ќе му дадете љубов, грижа и посветеност, при тоа истовремено ќе го почитувате неговото минато, културата и семејните односи.
Згрижувањето бара знаење, чувствителност, флексибилност и несебичност. Ако ги имате овие квалитети можете безбедно да се грижите за дете и сте подготвени да го започнете процесот.
Колку време е потребно за да станам згрижувач?
Вообичаено, целиот процес може да трае од 3 до 6 месеци, но времетраењето зависи од тоа: колку брзо ќе ги подготвите сите потребни документи согласно законската регулатива, ќе се вклучите во обука за стекнување на основни знаења и способности за згрижување, ќе ви биде изготвена проценка за Ваша подобност за згрижувач/ка и ако овој процес помине во најдобар ред, ќе Ви биде изготвен правен акт -решение за згрижувач.
Со добивањето на Решението за избор на згрижувачко семејство, Вие сте подготвени во своето семејство да сместите дете.
Која е старосната граница да станам згрижувач?
Законот за семејство и законот за социјална заштита на Р.М. не врши дискриминација врз основа на возраст, пол, раса или етничка припадност.
Згрижувач може да биде само лице кое е полнолетно. Разликата во возраста меѓу згрижувачот и згриженото дете треба да е најмалку 18 и најмногу 50 години. Исклучок за определената разлика во возраста меѓу згрижувачот и згриженото дете има доколку детето е сместено во роднинско згрижувачко семејство или доколку тоа е во интерес на детето.
Јас живеам сам/а. Дали е ова проблем?
Не. Ако сте на возраст над 18 години, без оглед дали сте самец, самохран родител, во брак или живеете во вонбрачна заедница можете да влезете во процесот на станување згрижувач. Во секој случај, сите возрасни кои живеат во Вашето домаќинство исто така мора да бидат подготвени да учествуваат во целиот процес.
Дали треба да се исполнам одредено ниво на приход?
При поднесување на барањето за згрижувач, до ЦСР составен дел од пропадната документација е и потврда за месечни примања на сите членови на семејството за последните три месеци. Пожелно е згрижувачкото семејство да располага со месечен приход кој е висина на една просечна плата.
Што ако сум осуден за криминал во минатото?
Според законот за социјална заштита, во задолжителната документација за поднесување на барање за згрижувач треба да приложите потврда за неосудуваност. Осудувано лице на кое му е изречена осуда за кривично дело со казна затвор повеќе од шест месеци, не може да стане згрижувач. Истото важи и за сите полнолетни членови во неговото домаќинство.
Исто така, лице на кое му е одземено или ограничено родителското право, не може да стане згрижувач.
Имаме домашни миленици (кучиња, мачки, птици, итн.). Дали е ова проблем?
Не. Доколку згриженото дете нема здравствени проблеми поврзани со живеење покрај некои миленичиња. Сепак, сите миленици кои живеат во домот треба да бидат во добра здравствена состојба со документација за тековните вакцини и да не бидат застрашувачки или опасни за згрижените деца.
Живеам во стан. Дали е ова проблем?
Не. Во ред е да поседувате стан или да живеете во изнајмен стан, но при тоа се зема во предвид дали имате доволно простор за сместување за дете. Згрижените деца можат да делат спална соба со вашите деца или други згрижувачки деца од ист пол, сè додека имаат посебни кревети за спиење. Постојат и минимални барања за физички простор кои мора да бидат исполнети (5м2 по дете).
Имам некои здравствени проблеми. Дали тоа ќе биде проблем?
Како дел од процесот на станување згрижувач, ќе треба да направите лекарски преглед и доставите лекарска потврда или лекарско уверение. Лекарот ќе треба да даде свое мислење за вашето физичко и емоционално здравје, бидејќи се однесува на безбедноста да се грижите за згриженото дете или за згрижувачките деца. Исто така, потребно е да нема член на семејството заболен од болест која може да го стави во ризик детето кое ќе се згрижува.
Дали добивам пари за услугата згрижување?
Згрижувачкото семејство, има право на надоместок на трошоците за згриженото дете/деца и надоместок за згрижување.
Кои се децата и зошто се во згрижувачки семејства?
Повеќето деца кои влегуваат во системот на згрижување поминале низ трауматични ситуации во нивните животи. Некои од овие деца можат да манифестираат проблеми во однесувањето. Но, Вие како згрижувач кој сте дел од професионален тим, ќе имате стручна поддршка и помош од различни профили на професионалци кои можат да ви помогнат во справување со потенцијално тешки проблеми во однесувањето кај децата.
Дали има голема потреба за повеќе згрижувачки семејства во нашата држава?
Во Македонија бројот на згрижувачки семејства е помал, во однос на бројот на деца кои имаат потреба од згрижувачко семејство. Голем број на деца живеат во услови кои го доведуваат во ризик нивниот живот. За тие деца животот во згрижувачко семејство ќе значи можност да растат и се развиваат како сите деца кои имаа свои биолошки семејства.
Што прават згрижувачките семејства?
Згрижувачкото семејство му обезбедува на детето без родители или родителска грижа безбеден дом во која ќе добива грижа и нега соодветна на возраста и развојните потреби, кога нема услови за живеење во своето семејство.
Колку долго децата остануваат во згрижувачки семејства?
Децата во згрижувачкото семејство се сместуваат со решение на Центарот за социјална работа, кој одредува колку долго детето ќе остане во семејството, согласно нивната процена за подготвеноста на биолошкото семејство и детето за реинтеграција или посвојување.
Згрижените деца во згрижувачко семејство можат да останат најмногу до свои 18 години, кога стануваат полнолетни и немаат потреба од згрижувачко семејство или до завршување на средното образование. Во случаи кога се работи за деца со развојни заостанувања или психофизички хендикеп, тогаш може да останат во згрижувачкото семејство и до 26 години или повеќе.
Дали треба да поседувам куќа или стан за да станам згрижувач?
Согласно законските критериуми за згрижувачко семејство, неопходно да поседувате минимум станбени услови за сместување на дете/ца во вашето семејство (5м2 по дете). Пожелно е да имате во своја сопственост куќа или стан, но доколку живеете во изнајмена куќа или стан можете исто така да станете згрижувач ако имате на располагање доволно простор кој ќе ги задоволува основните потреби на детето, како посебна соба или место за посебен кревет.
Дали ќе знам да ги проценам потребите на децата за да можам да им овозможам адекватна грижа?
Обуката за згрижувач ќе ви даде теориски знаења за развојните потреби на децата и насоки како да ги препознаете развојните потреби на децата и како да одговорите на истите. Најважно е да имате љубов, желба и трпение за да можете соодветно да одговорите на потребите и предизвиците.
Дали згрижувачките родители стануваат премногу приврзани за децата за кои се грижат?
Да. Обуката ќе ви помогне како да останете професионален во случаи кога ќе треба детето да се врати во своето биолошко семејство или да оди на посвојување.
По стекнување на статус на згрижувач
Може ли децата да одат во црква со нас?
Да, доколку детето потекнува од семејство кое практикува одење во црква. Но, ако детето има поинаква вера, ќе треба да му се овозможи да практикува обичаи согласно неговата вероисповест.
Дали може згриженото дете да патува со своите згрижувачки родители (одмори, итн.)?
Во повеќето случаи, да. Важно е да знаете, ако патувањето подразбира излегување надвор од вашата државата, мора да имате претходно добиено одобрување за патување од страна на старателот на детето (најчесто тоа е службено лице од надлежниот Центар за социјална работа).
Дали нема да ни биде тешко кога детето ќе се спои со неговото или нејзиното биолошко семејство или ако е посвоено?
Да. Всушност, тоа е еден од најтешките делови од згрижувањето, но исто така може да биде и најблагодарната мисија која може да ја имате, да знаете дека сте помогнале едно дете да го подготвите за своето трајно семејство. Сигурно ќе се чувствувате тажно. Тоа е природно, исто како што е природно детето да сака да има сопствено семејство. Нашето искуство, кажува дека многу згрижувачки остануваат поврзани со децата и откако тие ќе бидат вратени во нивното биолошко семејство или ќе бидат посвоени, како и откако ќе станат полнолетни.
Важно е да се потсетиме дека згрижувањето е начин да се изградат трајни врски и позитивни искуства со дете, без разлика каде тој или таа ќе оди во иднина.
Што е со медицинските и стоматолошките услуги за згриженото дете?
Сите деца кои се дел од системот за социјална заштита се ослободени од партиципација за сите медицински и стоматолошки услуги, со потврда која ја добиваат од ФЗОМ.
Надоместок за згрижување
Како згрижувач, дали ќе можам да аплицирам за други бенефиции наменети за згрижените деца?
Во зависност од возраста на детето и неговата здравствена и психофизика состојба предвиден се парични надоместоци како детски додаток, образовен додаток, посебен додаток, еднократна парична помош и сл.
Посвојување
Како згрижувачки родител, може ли да го посвојам детето кое го згрижувам?
Не. Посвојувањето е уредено со друга законска регулатива и е сосема одвоено од згрижувањето.