Интервју со Цеце и Хабиба, млади лица кои живееле во згрижувачко семејство и имаат искуства од алтернативна грижа
јануари 18, 2023

Да го слушнеме гласот на две млади девојки кои голем дел од своето детство и рана младост ги поминаа во згрижувачко семејство и да ја споделиме нивната порака за сите оние кои се во грижа, за згрижувачите и оние кои размислуваат да станат згрижувачи.
Цеце и Хабиба се прекрасни млади личности кои отворено и искрено го споделуваат своето искуство од живеењето во згрижувачкото семејство. Тие со нивните згрижувачи изградија трајни врски кои посветено ги негуваат и сега кога цврсто чекорат самостојно низ предизвиците на животот.
Цеце и Хабиба беа дел од тимот кој минатата година работеше на спроведување на кампањата за промоција на згрижувањето и дадоа значен придонес во разбирање на важноста на згрижувањето за децата кои имаат потреба од семејна грижа. ОГРОМНА БЛАГОДАРНОСТ !!!

1. Вие бевте активно вклучени во настаните за промоција на згрижувањето. Што би им препорачале на идните згрижувачи?

Хабиба: Најпрво благодарност до сите идни згрижувачи за одлуката во својот дом да примат дете кое има потреба од семејство.

Убаво е што со згрижувањето, ќе имаат можност да им помогнат на децата да имаат подобра иднина, поквалитетно образование, здрав и квалитетен живот, средина каде тие ќе имаат можат да си изградат подобра иднина.
За да згрижувањето биде убаво искуство за сите, им порачувам на оние кои би сакале да бидат згрижувачи, тоа да го направат со искрена љубов и намера.

Цеце: Кога веќе ја прифаќате оваа несекојдневна професија, ве молам размислете и преиспитајте се неколкупати дали навистина сте подготвени да се грижите за деца кои се напуштени од сопствените родители. Оваа работа е посериозна од што може да изгледа „на прва“. И, не е доволно само да имате љубов кон децата, ретко кој не чувствува такво нешто за оваа категорија на лица. Не се плашете да побарате соодветна обука/подготовка пред да се наречете себеси Згрижувач.

 

2. Една од најважните цели во згрижувачките семејства е дека децата се сигурни и заштитени и ја добиваат потребната поддршка во вистинско време. Каков совет би им дале на возрасните кои им помагаат на децата коиживеат во згрижувачки семејства?

Хабиба: Секое дете е посебна индивидуа, на која ѝ треба поддршка да се развива. Добриот згрижувач е пример за децата – тие ќе ги следат неговите совети и чекори во секојдневниот живот. Квалитетна врска помеѓу згрижувачот и детето, со секојдневна доверба и комуникација ќе создаде квалитетен човек.
Цеце: Разговарајте отворено за нивното минато. Бидете комплетно запознаени со нивните трауми, уште на мала возраст, и понудете им соодветна стручна помош (ако е потребно). Тоа е првиот чекор за создавање здрава, искрена релација, која многу лесно ќе резултира со взаемна доверба.

3. За крај, што е она што го посакувате за сите деца кои од било која причина биле вклучени во системот на згрижување?

Хабиба: Да не се откажуваат од своите соништа, да го дадат најдоброто од себе во секоја ситуација и да разберат дека ничиј живот не е совршен. Постојат многу препреки, како и кај сите други деца. Но, јас како дете кое порасна во згрижувачко семејство сум презадоволна со можноста што ја имав да работам на себе и да се надоградувам преку разни обуки. Добивав помош при учење и извршување на училишни обврски, се дружев со згрижувачите и другите деца во згрижувачките семејства, имав многу незаборавни посети на интересни места, заедничките прослави на родендени и празници, летувања и зимувања…

Среќна сум што имав можност да запознам многу нови личности, кои ми помогнаа да се прифатам себе си и да разберам дека е во ред да има деца кои растат во згрижувачки семејства, каде ќе се чувствуваат прифатени во семејството и средината.

Цеце: Она што искрено го посакувам, а истовремено знам дека е нереално – да се намали бројката на децата кои се напуштени од своите родители. Но, кога веќе судбината си го направила своето – би сакала да им кажам дека сѐ си има причина. Нека направат од својата приказна вистинско херојство на кое ќе се угледуваат многу генерации подоцна.