Во пресрет на Mеѓународниот ден на жената, Центрите за поддршка на згрижувачки семејства, имаат намера да ги прославите достигнувањата на жените и девојките кои надминаа огромни предизвици во својот живот да станат нивни најсилни верзии од себе.
Во оваа прилика, разговараме со Ана Панчева, Раководител на Центарот за поддршка на згрижувачки семејства 11ти Октомври
- Според Вас дали девојчињата во грижа имаат еднакви можности со момчињата?
Ана Панчева : Тенденцијата и очекувањата на секој од нас потребно е да биде, постигнување на родова еднаквост во сите сегменти од општеството. Па така, можам со сигурност да кажам, кога станува збор за девојчињата и момчињата кои се во грижа дека постои еднаков пристап и еднакви можности. Тоа треба и е наша цел да менуваме животи, ставови и размислувања, да излеземе од кругот на појакиот и понежниот пол. Секојдневно работиме со згрижувачките семејства во насока на освестување за стереотипи и предрасуди кои се неминовен дел од нашето општество, во насока на подеднакво прифаќање, подеднаков пристап и еднакви можности на секое девојче и момче, независно.
- Вие сте раководителка на Центарот за поддршка на згрижувачки семејства 11ти Октомври. Како е да се биде жена раководителка на Центар, кој има многу одговорна задача?
Ана Панчева : Се согласувам дека е многу одговорна работа, но воедно и работа која Ве исполнува и Ве прави горда. Раководителка за мене е личност која е секогаш тука за тие на кои им е потребна, и според тоа и се водам во секојдневното работење. Секогаш сум подготвена да го дадам најдобриот совет, поддршка или своето време, насекаде и кон секого како кон колегите, згрижувачите, децата во грижа но исто така и кон потребите и желбите на своите блиски, затоа ќе се навратам на тоа дека всушност тоа е она што ја прави оваа работа- одговорна работа. Во своето досегашно животно и работно искуство секогаш сум настапувала со многу посветеност, несебичност, истрајност, храброст, и сето тоа е инспирацијата за многу други жени околу мене. Секојдневно се справувам со разни предизвици и стојам исправено пред нив, постојано се обидувам да ги поттикнувам луѓето околу себе, да работат на себе, да се менуваат, своето искуство го споделувам со други и сето тоа придонесува и до зајакнување на позициите на жените воопшто.
- Што мислите која е причината поради која има повеќе жени носители на згрижување отколку мажи?
Ана Панчева : Да, повеќе се застапени жени како носители на згрижувачки семејства, но не смееме да го занемариме и фактот дека во последно време во оваа хумана работа се вклучуваат и мажи. Како општество каде сеуште постои верување дека жената е таа која како мајка, сопруга има обврска да се грижи за домот и децата во семејството е причина поради која најчесто жената е носител на згрижувачкото семејство. Најчесто жените се тие кои се домаќинки и помалку вклучени на пазарот на труд па и тоа може да се наведе како причина.
Но, не смееме да заборавиме на други за мене позначајни причини, зошто жените се побројни како згрижувачи, а кои произлегуваат од она што го носи жената со себе, а тоа се храброста, истрајноста, емпатичноста, одговорноста, зрелоста, прилагодливоста, жените се помалку егоистични од мажите и уште многу други карактеристики кои ги одликуваат жените.
- Дали има разлика во грижата, кога станува збор за мажи или жени?
Ана Панчева : Секојдневно следејќи го квалитетот на грижа кој го пружаат згрижувачките семејства кон сместените корисници, не можеме да констатираме дека постои разлика во пружената грижа, независно дали е носител на згрижувачкото семејство маж или жена. Тие оваа благородна функција ја обавуваат заедно, со взаемна поддршка и разбирањње и јасно поделени улоги. Во тоа секако голема помош добиваат од нас, кои сме секогаш насочени кон нивна поддршка, советување и јакнење на нивните компетенции како згрижувачко семејство. Поддршката е насочена кон сите членови на едно згрижувачко семејство со цел полесно справување со сите можни предизвици и давање на квалитетна грижа кон сместените корисници.
- Што сакате да им порачате на потенцијалните кандидати, оние кои се колебаат дали се вклучат во згрижувањето како повик?
Ана Панчева : Семејството е центарот на светот за секој од нас. Од самото раѓање тоа на детето му дава чувство на идентитет, припаѓање и поврзаност. Но, за жал сведоци сме дека многу деца ја немаат или ја губат семејната средина во која единствено може да почувствуваме љубов, сигурност и поддршка.
За таа цел, за да секое дете добие љубов, топлина, сигурност, безбедност, поддршка тука сте сите Вие сегашни и идни згрижувачки семејства. Згрижувачот се грижи за децата да живеат во една безбедна, стимулирачка средина, средина полна љубов, топлина тогаш кога тоа не го добива во биолошкото семејство.
Да им се помогне на децата кои го изгубиле своето семејство од било која причина, а со тоа доживеале голема загуба е најчовечка вредност. Затоа, Ве повикувам да размислите и секој од Вас да ја пронајде и разбуди хуманата страна во себе, а за кое сум убедена дека ја имаме, за што сведочи и бројот на згрижувачки семејства.
Да подадеме рака и да го промениме животот на децата кои имаат потреба од нас.

