Добра пракса кај згрижувачките семејства, Семејство Гошеви
мај 8, 2023

Децата се живи посланија кои ги испишуваме во времето и кои оставаат траги во вечноста. Поради ова, ништо друго не може во животот да биде позначајно од правилно воспитување и грижа за децата.

Како започна Вашата приказна со згрижувањето?

Мите Гошев:  Јас и мојата сопруга добивме и одгледавме четири наши деца. Со нивниот растење и намалувањето на обврските и одговорноста кон нив, почнавме да размислуваме како да им помогнеме и на деца без родителска грижа. Заедно со нашите деца, почнавме да ги посетуваме децата од домот 11 Октомври, им организиравме работилници и дружења, а понекогаш  доаѓаа и во нашиот дом. По извесно време дознавме дека новиот систем за социјална грижа на децата без родители и родителска грижа, предвидува пренамена на Домот 11 Октомври и сместување на децата, од домот во згрижувачки семејства. Тогаш за првпат слушнавме за таквиот начин на згрижување. Нѐ заинтересира идејата да станеме згрижувачи и така отидовме во Центарот за социјални работи во Скопје за подетални информации. Пред пет години почнавме со згрижување на деца и од тогаш сме згрижиле вкупно десет деца. Во моментот се грижиме за три дечиња од разни возрасни групи,  мало дете, тинејџер и полнолетно дете со специјални потреби. Нашите животи продолжуваат да се полнат со радоста која доаѓа од искрената насмевка на стопленото со љубов детско срце.

Што Ве исполнува во оваа позиција на згрижувач и има ли нештон што е тешко?

Мите Гошев: Грижата за децата, секако, не е лесна работа. Посебно тешки се првите денови со новото дете кое во новата средина изгледа како рането пиленце и е полно со несигурност и неизвесност. Во исто време, токму таквите предизвици носат и огромно задоволство, посебно кога почнува да се забележува промена во однесувањето на детето, стекнувањето  сигурност, спокојство и целосна преобразба која најмногу се забележува во блесокот на благодарните и исполнети со радост детски очи. И не се тие единствените кои се менуваат. Со годините осознаваме дека и ние не сме истите како порано. Детските срца ги преобразуваат и нашите срца и тие стануваат послични со детските – полни со искрена емпатија.

Велат дека нема проблематични деца туку има деца со проблеми. Тоа посебно се однесува на децата без родителска грижа. Во справувањето со нивните проблеми, покрај топлиот дом полн  со внимание, грижа и љубов, неопходно е и поголемо и поорганизирано вклучување на институциите на системот, посебно во нудењето и давањето стручна помош. Оваа помош им е нужно неопходна на многу деца од оваа категорија.

Кој тип на поддршка ви е најкорисен Вам како згрижувач?

Мите Гошев:  Светла точка и голема помош во последните години се Центрите за поддршка на загрижувачките семејства кои со советите, семинарите и консултациите, во голема мера ја подобруваат работата на згрижувачките семејства. Но треба да се направи уште многу во областа на системската работа со овие деца за поефикасно да се  справат со проблемите со кои се соочуваат во животот.

За жал, има многу деца на кои се уште им е потребно згрижување во згрижувачко семејство. Што би им препорачале на сите оние кои размислуваат за згрижувачката функција? Како би ги охрабриле?

Мите Гошев:  Децата во семејството се како цветовите во букетот. Колку повеќе ги има, толку поубав и поисполнет со животни мириси ќе биде домот. Тоа често го кажуваме на нашите роднини, соседи, пријатели и ги  охрабруваме да станат згрижувачи. А познато е и дека луѓето кои живеат на овие простори се одликуваат со гостопримливост, дарежливост и хуманост уште од древни времиња. Светски патници, мисионери, бегалци, сведочеле за гостопримството и отворените домови на нашите предци. Кога ќе ја додадеме традицијата на здрави семејства која се градела на овие простори, нам ни останува да ја продолжиме таа традиција. Тоа значи дека секогаш нашите домови треба широко да бидат отворени за сите, а посебно за оние кои ги немаат. Треба да садиме во нивните скршени срца здрави семиња на љубов. Тие со време ќе расцветат и ќе се претворат во здрави и успешни мажи и жени. Наградата за тоа е голема, затоа што насмеаното лице на детето содржи илјади подароци.