Ден за згрижувачките семејства “За повеќе детски насмевки“
јуни 7, 2023

Ние веруваме дека секое семејство, без разлика на неговата култура или потекло, игра многу важна улога во животот на едно дете и заслужува да биде признаено за уникатните придонеси што ги носи. Во овој контекст згрижувачките семејства се многу важен дел од нашата заедница. Згрижувачите го отвараат својот дом и срца за оние на кои грижата им е најпотребна, за децата без родителска грижа и овозможуваат тие да растат во  топлината и безбедноста на семејството.

По повод 1 Јуни Денот на згрижувачите на две различни локации во Скопје и Струмица ги прославивме достигнувањата на нашите херои-згрижувачите и на херојски насмеаните деца, децата кои не по своја вина останале без родителска грижа.

  • 1ви јуни беше наменет за моќта на сите згрижувачи кои грижејќи се за децата без родители и родителска грижа успеале и успеваат да направат значајна разлика во нивните животи.
  • 1ви јуни беше наменет и за моќта и отпорноста на згрижените деца, кои се пример и инспирација за сите.
  • 1ви јуни беше за да стане видливо помалку видливото “згрижувањето навистина прави значајна разлика, лековита, поддржувачка, топла и искрена разлика во животите на безброј деца кои не заслужуваат ништо помалку од љубов, топла родителска прегратка и безбеден дом”.
  • 1ви јуни беше обележан за да се даде признание на нашите посебни членови на професионалниот тим за згрижување на деца – на нашите згрижувачи.

На настанот во Скопје „За повеќе детски насмевки” кој беше во организација и соработка на Црвениот крст на Град Скопје заедно со  Центарот за поддршка на згрижувачки семејства при ЈУ Детски Дом 11-ти Октомври Скопје и Центарот за поддршка на згрижувачки семејства при СОС Детско село Скопје наши гости ни беа и  Заменик министерот за труд и социјална политика Енвер Хусејин и Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска. Во оваа прилика тие изјавија:

„Детето само во семејна средина може да чувствува љубов, поддршка и припадност. Но, за жал сведоци сме како голем број на деца секојдневно од различни причини и без своја вина го губат семејството и грижата од своите родители. За овие деца потребно е да создадеме еднакви можности, исто како и на децата кои растат со своите родители. А, таа можност сте вие, згрижувачките семејства!”, потенцираше Хусејин пред присутните.

“Изразувам голема благодарност до сите семејства кои се веќе вклучени во системот. Нивната хумана мисија е од непроценливо значење за оние на кои им е најпотребна нашата помош. Во Градот Скопје тие имаат партнер и поддршка за сите активности, а особено сме посветени на грижата за децата без родители и децата со посебни потреби. Заедно работиме на повеќе проекти за подобрување на условите во згрижувачките семејства и ја користам оваа можност уште еднаш да повикам што поголем број семејства да се вклучат во системот на згрижувачи” – изјави Арсовска.

Сузана Т.Пауновска Секретар на Црвен крст на Град Скопје, истакна дека оваа континуирана поддршка и заедничка соработка ќе продолжи и во иднина бидејќи само така ќе допринесеме за повеќе детски насмевки.

“Сметам дека формата згрижувачко семејство е од посебен интерес и важност во нашата заедница бидејќи секое дете заслужува дом. Како Црвен крст на град Скопје ги поддржуваме активностите кои одат во насока на промоција на оваа форма но и работа со згижувачите заради нивната понатамошна мотивација и олеснување на нивното секојдневно функционирање. Исто така голем број на нашите активности се креирани и насочени кон децата сместени во згрижувачки семејста за нивната поголема социјализација и едукација.“- рече Пауновска.

И директорката на ПУ СОС Детско село Наде Качакова ја поздрави иницијативата на Црвен Крст за организацијата на настанот, и можноста на едно место да се соберат згрижувачите и да го прослават денот.

“Благодарам што сте тука заеднички да го потенцираме значењето на згрижувачките семејства. За организациите коишто обезбедуваат директна грижа за децата , а особено за СОС Детско Село, овој ден е од огромно значење бидејќи преку згрижувачите , нивната посветеност, одговорност , грижа и отворено срце за споделување на љубов кон децата го прават возможно она што се нарекува замена за незаменливите,  а тоа би требало да се биолошките родители. Драги згрижувачи вие ја правите промената во животите на децата и вие придонесувате кон тоа ниту едно дете да не биде изоставено од она кое со самото раѓање му припаѓа.” – изјави Качакова.

“Сите идеали на овој свет не вредат ни колку Една солза на едно дете. Всушност, децата се она што прават да го сакаме човештвото и да ни е осмислен животот. За да направиме добродете, потребно е да го усреќиме и да го направиме среќно, а токму Вие го правите тоа драги наши згрижувачи. Јас ви благодарам за истото и уште еднаш ви го честитам денот на згрижувачите 01-ви Јуни” – изјави Соња Стамевска, Директор на Центарот за поддршка на згрижувачки семејства при ЈУ Детски Дом 11-ти Октомври Скопје.

 

На 1ви јуни имаше, радост и смеа и во Струмица, но и надеж  дека инспиративните приказни на нашите Лејла, Силвана, Љубица, Ели, Самет, Мите, Блашка, Марика, Љиљана, Анита, Вилма, Беје и уште многу многу други згрижувачи за пример, ќе допрат до уште поголем број на личности налик нив, за да и тие бидат дел од нашето големо семејство.

Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска го отвори настанот  „За повеќе детски насмевки“.
„Правилниот избор на формата на заштита на децата без родители и родителска грижа ќе им овозможи на децата креирање на безбедна семејна средина и  планирана иднина, но и развивање на личности кои ќе треба да ја понесат одговорноста како возрасни лица подготвени за иднината. Децата во згрижувачки семејства  добиваат дом, чувство на нормалност и идентитет како дел од семејна единица“ рече Тренчевска.

На настанот се обратија и градоначалникот на Струмица, Костадин Костадиновски и Националната директорка на СОС Детско село, Јулијана Гапо.
Поддржувајќи ги децата и згрижувачките семејства, градоначалникот Костадин Костадинов ги поздрави учесниците, нагласувајќи дека е исклучително среќен што СОС Детско село го организира овој настан токму во Струмица.
-Семејството е симбол на сплотеност, љубов, топлина, заштита и меѓусебна грижа.  Сепак, постојат деца кои, од различни причини и без сопствена вина, биле оневозможени да ги почувствувааат тие убави белези на семејството. За среќа се уште постои човечноста и љубовта.Ова парче место во строгиот центар на Струмица се вика „Мал градски парк“, ама, колку и да е мал, има голема гостопримлива душа за убави луѓе и убави нешта. Овој 1 Јуни, овој „Семеен ден за згрижувачките семејства“ нека биде ден за дополнителна промоција за згрижувањето, ден за почит и признание за згрижувачите,  ден за подобрени услови за живот на децата без родителска грижа – сместени во згрижувачки семејства, како и нивна социјализација и дружење. Во моето обраќање на минатогодишниот настан посветен на згрижувањето ветив дека Општина Струмица ќе обезбеди средства за годишен одмор за згрижувачките семејства од Струмица. За жал, поради бирократски пречки се уште немаме добиено податоци за тие семејства, но јас се уште стојам на моето ветување, затоа што згрижувачките семејства тоа го заслужуваат, рече градоначалникот Костадинов.

“Благодарам од името на СОС ДЕТСКО СЕЛО  што сте тука заеднички да го потенцираме значењето на згрижувачките семејства. Овој ден е од огромно значење и како ден посветен на децата, но и на згрижувачите бидејќи преку ВАС, вашата посветеност, одговорност , грижа и отворено срце за споделување на љубов кон децата ја правите најважната промената во животите на децата и ВИЕ придонесувате тие да растат во топол дом и семејство.“ – истакна Јулијана Гапо.

На 1 Јуни, застанавме гордо пред нив, пред едни од најпосветените, најгрижливите и најхуманите  луѓе во социјалната заштита, кон кои се обраќаме со огромна почит и благодарност за нивните успешни приказни.

Освен благодарност, беше даден и збор, заложба – Сите во рамките на своите надлежности да придонесат кон правење на  значајна разлика во професијата згрижувач, нејзина поголема видливост, препознавање и мотивација за зголемување на бројот на згрижувачките семејства!

Бидејќи најдобрата форма на заштита на децата кои имаат потреба од грижа се токму згрижувачките семејства.