По повод Меѓународниот ден на лицата со попреченост, 3ти декември во организација на Центарот за поддршка на згрижувачки семејства на СОС Детско село во просториите на Домот на култура Димитар Влахов, во населбата Автокоманда беше реализиран настан на тема ,,Трансформативни решенија за инклузивен развој: улогата на специјализираните згрижувачки семејства во поттикнување на достапен и рамноправен свет.
Настанот беше поддржан од општина Гази Баба, а градоначалникот г-дин Бобан Стефковски со пригоден говор ги поздрави присутните згрижувачки семејства и гостите. На настанот воведни обраќања имаа г-ѓа Елка Тодорова претставник од Министерство за труд и социјална политика, г-ѓа Јулијана Накова Гапо Национална директорка на СОС Детско село Скопје и г-ѓа Наде Качакова директор на СОС Детското село Скопје. Тие во своите говори ја истакнаа потребата од зајакнување на постоечките згрижувачки семејства и зголемување на бројот на специјализирани згрижувачки семејства кои соодветно ќе одговорат на потребата од згрижување на децата и лицата со попреченост, како и достапни квалитетни социјални услуги во заедницата за поддршка на децата и семејствата во ризик.
Централно место на настанот имаа токму тие, специјализираните згрижувачки семејства. Некои од нив дури 20 години во своите домови се грижат за деца и лица со попреченост. Ним на овој интернационален ден на лицата со попреченост им беше оддадено посебно признание, Плакета за нивната посветеност, љубов и грижа кои тие денес ја даваат, а ќе одекне низ годините, влијаејќи на текот на животот на децата и на заедниците во кои тие стануваат дел. Во своите обраќања до присутните на настанот згрижувачите воопшто не дадоа фокус на предизвиците со кои се соочуваат лицата со попреченост, туку ги славеа нивните способности и непобедлив дух.
Исправени пред потребата од регрутација на што поголем број на специјализирани згрижувачки семејства, инспирација и мотивација на вработените во Центарот за поддршка на згрижувачките семејства на СОС Детско село се малкуте специјализирани згрижувачки семејства под нивна надлежност. Тоа се семејствата на згрижувачите Марика, Вера, Васка, Лејла, Лилјана, Мите згрижувачи кои им пркосат на стереотипите, ги уриваат бариерите и нè инспирираат со нивната решителност. За нив специјализираното згрижување не е само услуга која ја даваат; тоа е доказ за верувањето дека секое дете заслужува шанса да стане најдобра верзија од себе.
На овој Меѓународен ден на лицата со попреченост, се испрати силна порака “нека нашиот колективен глас ечи со ветувањето за поинклузивна и сочувствителна иднина, за што поголем број на специјализирани згрижувачки семејства, кои на сите деца и лица без исклучок ќе им достоинствен живот и еднакви можности.

Веруваме дека во оваа прилика не само што го истакнавме значењето на специјализирани згрижувачки семејства, туку ќе овозможиме и создавање на платформа за идни активности и иницијативи што ќе продолжат да го поддржуваат и засилуваат овој вид на заедница.

