Во рамките на обуките „Мотивационо интервју“ и „Траума информирана грижа“ бројни учесници имаа можност да стекнат вредни знаења и вештини кои имаат значајно влијание врз нивниот личен и професионален развој. Учесниците споделуваат како овие обуки им овозможиле да ги подобрат комуникациските вештини, да развијат емпатија и активно слушање, и да создадат силни врски со корисниците. Учесниците исто така наведуваат дека стекнатите техники им помагаат во секојдневната работа, особено во мотивирањето на клиентите и во справувањето со трауматични искуства. Во продолжение, прочитајте ги одговорите кои даваат увид во личното искуство и пристапите што учесниците ги применуваат во својата работа.

На првото прашање Какво влијание и промена имаше обуката врз вас и вашата работа? ги добивме следните одговори:
„Обуката ми овозможи да осознаам дека со примена на техниката рефлексивно слушање во можност сум повеќе да стигнам до потребните информации за проблемот со кој се соочил клиентот, преку слушање, поттикнување и давање на поддршка за намалување и ублажување на интензитетот на проблемот “, вели Сузана Димкова од ЦСР Кавадарци
„Оваа обука направи позитивна промена и големо влијание кај мене и како личност и како професионалец“, вели Јулијана Шумкоска од СОС
„Оваа обука пред се ме научи како да поставувам прашање кои корисниците ќе ги поттикнат на размислување и одговорност во донесувањето на одлуки“, вели Андријана Ѓелевска од СОС
„Обуката низ практични примери и вежби ни даде едно ново гледиште за начинот на слушање, начинот на рефлектирање и сумирање на добиените информации пред сѐ при работа со странките, како и за начниот на мотивирање на странките за самите да го препознаат проблемот и да се дојде до некаква промена кај личноста“, вели Елена Иванова од ЦСР Гевгелија
„Ги развив комуникациските вештини, односно научив како да водам разговор заснован на активно слушање, емпатија и разбирање што ми овозможи да создадам јасни и силни врски со корисниците“, вели Тања Мановска од СОС
„Концептот на обуката нуди лесна примена на стекнатите вештини и знаења во професионалното работење со корисниците“, вели Христина Петрова од ЦСР Кавадарци

„Обуката имаше позитивно влијание и промена врз мене и мојата работа. Стекнатите знаења, искуства и вештини кои што ги стекнав на обуката за мотивационото интервју ги применувам во текот на работата, а планирам и во иднина да продолжам да ги применувам во текот на мојата практична работа“, вели Билјана Нацковска од ЦСР Битола.
„Имаше промена во начинот на моето разговарање со згрижувачките семејства, вклучително и сместените корисници. Свесноста која ја стекав во рамките на оваа обука ми помогна поактивно, намерно да користам одредени техники и вештини од MI“, вели Наумоски Слободан од СОС.
„Поминатата обука на тема „Мотивационо интервјуирање“ е од големо значење за мене како личност а исто така има и големо влијание врз мојата работа. Истата ми помогна да ги согледам недостатоците во пристапот кон странките а со тоа и да ја подобрам комуникацијата со најблиските , со моето опкружување, како и со колегите на работа и странките со кои работиме“, вели Снежана Петрушев од ЦСР Пробиштип
„Генерално позитивно влијание. Можам да кажам дека оваа обука ми даде насока и рамка во која би го ставила моето искуство, во практикување на оваа методологија. Ова илустративно би сакала да го прикажам употребувајќи ја следнава споредба. Ние до сега имавме само делови од една голема сложувалка кои што си ги поврзувавме по логика или интуиција а сега ја имаме и сликата според која ја редиме сложувалката“, вели Донка Петровски од СОС
„Секоја обука и ново знаење кое се стекнува е секако во интерес на личниот и професионален развој и е секако корисно и добредојдено. Самата обука беше ново искуство за мене и знаења и информации со кои дотогаш сум ги користела во секојдневната работа без да бидам свесна дека користам елементи од мотивационо интервјуирање“, вели Даниела Пизоска од СРЦ Прилеп
„Сакам да изразам огромна благодарност што бев дел од таков вид на обука, конкретно насочена на еден вид комуникациска вештина, која и те како е важна во нашата работа“, вели Марија Мијоска од ЦСР Битола

„Обуката за Мотивациско интервјуирање ја следев со големо задоволство и леснотија, а предизвика голема љубопитност интерес кај мене. Истата беше вистинско освежување и на некој начин позитивно бегство од секојдневниот и класичен начин на работа со поединци односно со згрижувачи. Овој пристап сметам дека е доста корисен и доста ефективен особено во постигнување на подолгорочни промени кај поединци, бидејќи се темели на партнерство помеѓу клиентот и терапевтот и овозможува извлекување на потребна мотивација за постигнување на одредена потребна промена во неговиот живот наспроти директното советување и поддршка, насочување и/или нудење на конкретни решенија кои најчесто се применуваат во нашата работа“, вели Елена Јовчевска ЦСР Битола
„Мотивациско интервју е техника која многу ја олесна работата со тешки клиенти кои не прифаќаат соработка од првата средба и се двоумат за вклучување во процесот. Лично ме потсети уште еднаш колку е важно активното слушање, водење полека на клиентите, да не се туркаат брзо промените и да се има повеќе лично трпение“, вели Даниела Митреска од СОС
„Обуката за “Траума информирана грижа” ми овозможи да стекнам длабоко разбирање за тоа како траумата влијае на психолошкото и физичкото здравје на луѓето, и како тоа може да се одрази на нивното однесување. Се научив да ги препознавам сигналите на стрес или преоптоварување кај клиентите и да им нудам стратегии за само-успокојување или префрлање на ресурсите за дополнителна поддршка“, вели Александар Митаноски од 25 мај
„Обуката за обучувач за траума информирана грижа ( ТИГ) сама по себе беше одлична комбинација на значајна тема, современи и актуелни гледишта и пристапи и секако одлични тренери кои со својата експертиза и енергија беа комплементарни и совршено се надополнуваа, па учеството во неа ми даде чувство и искуство дека учествувам во нешто моќно и значајно и ме соочи со избалансирана доза на предизвик и поддршка“, вели Јасминка Кочанковска од ЦПЗС Битола

„Учеството на оваа обука претставуваше значајна надградба во мојот професионален развој, особено во однос на пристапот кон деца и возрасни кои искусиле неповолни искуства во раното детство или во текот на растењето. Преку ова знаење, ја прифатив траумата не како „проблем“, туку како адаптивен одговор на непријатни искуства, што значително го промени мојот пристап во секојдневната работа“, вели Андрија Гелевска од СОС.
„Обуката ми помогна подобро да разбирам и управувам со трауматски искуства, што значително ја подобри мојата работа со клиенти/пациенти“, вели Јасмина Илиева од 25 мај
„Обуката Траума информирана грижа има долгорочен ефект на примената на знаењето во практични ситуации, бидејќи овозможува подобро разбирање на потребите на младите кои преживеале траума и обезбедува пристап кој ги поддржува во нивниот процес на заздравување“, вели Весна Стоименов од СОС
„Обуката врз мене и мојата работа имаше позитивно влијание и доведе до промена врз мене како личност врз однос на начинот како да се справам со траумата како лично искуство“, вели Елена Петрова.
„Обуката за развојна дијадна психотерапија имаше навистина позитивно влијание врз мојот однос кон децата и адолесцентите во рамки на секојдневната клиничка работа. Овој пристап ги збогати моите капацитети за пристап кај деца на начин кој останатите формални пристапи и едукации базирани на медицинско-психијатриски пристапи, не ми ги овозможиле“, вели Гордана Николова – Клиника за Психијатрија

„Обуката од ДДП имаше значително влијание врз мојата работа, особено во проценката и обуката на згрижувачки семејства. Стекнав подлабоко разбирање за детските потреби и траумите, што ми овозможи поефективно да ги препознавам и адресирам предизвиците со кои се соочуваат децата во згрижувачките семејства. Дополнително, обуката значително придонесе за мојот професионален развој, овозможувајќи ми да применувам нови методи и техники во работата, што ја зголеми мојата самодоверба и ефикасност. Верувам дека ваквите обуки се клучни за унапредување на системот за заштита на децата и со нетрпение очекувам продолжување на ваквите иницијативи, кои сигурно ќе имаат уште поголемо позитивно влијание“, вели Атина Тасевска од СОС.
„Во однос на влјанието кое го имаше врз мене обуката за ДДП, можам да кажам дека ми даде правец на размислување и делување и сега похрабро и полесно се впуштам во работата и со поголема самодоверба како стручно лице во помагателниот процес на работа со семејствата“, вели Маријана Талевски од Битола
„Дијадната развојна терапија ми помогна да научам за да детето напредува во својот развој потребно е да има стабилна и позитивна емоционална релација со згрижувачот или лицето кое се грижи за него на тој начин што ќе му обезбеди доверба, чувство на безбедна средина, поддршка и стабилност“, вели Весна Стоименов од СОС
„Обуката беше со добро темпо и почувствував дека добив релевантни теоретски информации и совети за поддршка и проширување на моето знаење. Техниките на ДДП придонесоа да имам подобро разбирање, препознавање на приврзаноста и полесно, посигурно во работењето да можам да се фокусирам на терапевтскиот сојуз и на интервенциите“, вели Лилјана Трпчевска – Клиника за Психијатрија.
„Обуката за Дијадна Развојна Терапија имаше значително влијание врз мене и мојата работа, овозможувајќи ми подлабоко разбирање на динамиката на приврзаноста (attachment theory) и нејзината примена во работата со загрижувачките и биолошките семејства. Преку учеството во супервизиската група добив можност за размена на искуства, продлабочување на знаењата и практичните вештини како и поддршката во работата со семејствата“, вели Катерина Арсовска од СОС
Второто прашaње гласеше Какви нови пристапи или знаења започнавте да применувате по завршување на обуката?

„По завршувањето на обуката мојот пристап со соговорниците се одвива со повеќе отворени прашања, смирен разговор со емпатија кон корисникот “, вели .Дарко Костадинов од ЦСР Виница
„Примената на мотивациско интервју ми овозможува да ги водам корисниците низ процесот на промена, преку нивно охрабрување за прифаќање на промената дури и кога се јавува отпор“, вели Андријана Ѓелевска од СОС
„Се фокусирам да ја разберам перспективата на корисникот и да му помогнам сам да донесе одредени одлуки. Научив како да им помогнам на корисниците да постават конкретни, реални и достижни цели“, вели Тања Мановска од СОС
„Најчесто користам отворени прашања , рефлексија и сумирање“, вели Василка Чавкароска од ЦСР Крушево
„Започнавме да практикуваме се што научивме на обуката односно пристапот со странките и корисниците,обуката имаше големо значење за наас бидејќи веќе одма почнавме да практикуваме мотивациско интервју“, вели Азиза Џини од ЦСР Велес
„Начинот на водење на разговорот со техниките на мотивациско интервју е применлив и во секојдневната комуникација со сите лица, тоа овозможува на лесен начин да се дојде до поголема соработка, отвореност и меѓусебно разбирање“, вели Весна Стоименов од СОС
„Сепак по завршувањето на обуката посвесно и многу почесто применувам одредени техники, како што се отворени прашања, рефлексија, резиме, советување со дозвола итн.“,вели Елена Јовчевска ЦСР Битола.
„По завршувањето на обуката за “Траума информирана грижа”, започнав да применувам неколку нови пристапи и знаења во мојата работа. Еден од клучните е активното слушање, каде што поголемо внимание посветувам на невербалната комуникација на децата/младите, како и на нивните емоции и чувствата кои ги изразуваат. Во процесот на работа, ги интегрирав и принципите на сензитивност и самопочит во секоја фаза, внимателно креирајќи средина која ги минимизира стресните фактори и овозможува клиентите да се чувствуваат безбедно“ , вели Александар Митаноски од 25 мај

„Посебен акцент ставам на избегнување на ретрауматизација преку внимателно формулирање на прашањата и следење на индивидуалните граници на корисникот. Приоритет ми е создавање на безбедна и доверлива средина, каде што корисникот може да се почувствува прифатен, разбран и поддржан, без страв од осуда или неразбирање “, вели Андрија Гелевска од СОС.
„Започнав да користам техники за стабилизација, активното слушање и телесно ориентирани методи за работа со траума“, вели Јасмина Илиева од 25 мај
„Еден од клучните аспекти на траума-информираната грижа е создавање на безбедна средина каде децата можат да се чувствуваат сигурно и да изградат доверба. За деца кои поминале низ значајни трауми, физичката и емоционалната безбедност се основа за нивно понатамошно заздравување“, вели Весна Стоименов од СОС
„По завршување на обуката се обидов да применам од стекнатите знаења врз работата со корисниците кои претходно доживеале траума. Се обидов да применам и нови пристапи од новите искуства стекнати на обуката“ , вели Елена Петрова
„Од обуката за развoјна дијадна психотерапија користам техники на пристап преку игрив, љубопитен, емпатски како и пристап исполнет со прифаќање (PACE)“, вели Гордана Николова од Клиника за психијатрија.
„Користам стратегии за поддршка на згрижувачите во градење силни и стабилни односи со децата, што резултира со подобрување на квалитетот на грижата и емоционалната поврзаност“, вели Атина Тасевска од СОС.
„Севкупно од големо значење за мене од ДДП е и значајното влијание во работата со емоционалните доживувања, врз база на кои најчесто носиме одлуки и се од голема улога за приврзаноста и во градењето на врски со другите луѓе“, вели Даниела Митровска од СОС
„Со обуката, многу полесно и посигурно се насочувам и помагам родителите да го истражат своето искуство на приврзување со своите родители, а потоа и како тоа влијае врз децата и нивните меѓусебни релации, како и децата да го прифатат и да се љубопитни за истражат што доведува до такво потешкотии во однесување и релации“, вели Лилјана Трпчевска од Клиника за Психијатрија.
„Еден од клучните елементи од обуката што активно го применувам од обуката е PACE техниката (Playfulness, Acceptance, Curiosity, Empathy),која ми овозможува да изградам доверлив и сигурен однос со децата и нивните родители и згрижувачи, посвоители и старатели. Благодарение на оваа обука, мојата работа стана побогата и поефикасна, а мојот пристап кон семејствата и децата е холистички и насочен кон нивните вистински потреби“, вели Катерина Арсовска од СОС.
На третото прашање На кој начин планирате да ја продолжите примената на стекнатите знаења во иднина? ни одговорија

„Во моментов посетувам дополнителна обука за тренери која ќе ми помогне понатаму да ги споделам стекнатите знаења и вештини со колеги и соработници од областа на социјална заштита“, вели Андријана Ѓелевска од СОС
„Во иднина планирам да продолжам со редовна примена на техниките од МИ во мојата работа. Исто така дополнителната обука за ТоТ ќе ми овозможи да ја продлабочам мојата пракса во спроведување на техниките и вештините на МИ но и размената на искуства и знаења со колегите и соработниците ќе ми овозможи следење на најновите истражувања во таа област“, вели Катерина Арсовска од СОС
„Може да кажам дека обуката ми овозможи надградување на моето знаење како и тоа да согледам, за знам кога треба да престанам со моите прашања. Примената на рефлекси е од големо значење и дополнување на она што сакам да дознаам во работа со одредени странки, пред се зависи од тоа во кој ризик се наоѓаат“, вели Зорица Ѓорѓиева од ЦСР Неготино
„Би било добро да има често надградување и повеќе обуки, но и со досегашните стекнати знаења се применливи во предметите кои ги работам“, вели Христина Петрова од ЦСР Кавадарци
„Со тоа што во иднина ќе продолжиме да се држиме до принципите на мотивациско интервју кои се исклучително важни во секојдневната работа и во секојдневниот живот и би препорачала сите вработени во Центрите за социјална работта да ја поминат оваа обука бидејќи би им била од многу големо значење“, вели Азиза Џини од ЦСР Велес
„Во мојата секојдневна пракса имам можност и желба да ги применувам сите вештини од мотивациското интервјуирање. За ова зборува фактот дека 90 % од мојата работата е да ги мотивирам учесниците да се вклучат во процес на советување и да истраат во тој процес“, вели Весна Стоименов од СОС
„Сметам дека доколку би имале можност да ја посетуваме континуирано и почесто оваа обука, ќе постигниме поголем успех во примената на мотивационо интервју во нашата работа“, вели Марија Мијоска од ЦСР Битола
„Во иднина, планирам да ја продолжам примената на стекнатите знаења преку редовно надградување на своите вештини и адаптирање на пристапот во зависност од потребите на корисниците, младите/децата“, вели Александар Митаноски од 25 мај.
„Ќе работам на подигнување на свеста во организацијата и пошироката заедница, со цел да се воспостави целосно траума-информиран пристап, кој ќе ги опфаќа сите нивоа на работа и ќе обезбеди поддршка базирана на разбирање, емпатија и почит“, вели Андрија Гелевска од СОС.
„Обуката за траума-информирана грижа исто така ги обучува стручните работници за важноста на само-поддршката и стратегии за справување со стресот, за да не се истрошат и да можат да продолжат со обезбедување ефективна грижа“, вели Весна Стоименов од СОС.

