Навидум редовна работа, следење на новороденчињата на територија на Општина Гази Баба, работи патронажната сестра Валентина Боева .
февруари 11, 2025

Таа внесува огромна професионалност и љубов во својата работа, како за сите бебиња кои доаѓаат од родилиште во своите домови, така и за бебињата кои се сместуваат во згрижувачките семејства на територија на Општина Гази Баба.

Нашите згрижувачки семејства умеат да пружат грижата со многу љубов,  додека се чека конечна одлука за овие наши новороденчиња. Некои ќе се вратат кај своите биолошки родители, некои пак ќе бидат посвоени, а дел од нив остануваат во згрижувачките семејства.

Каков и да е исходот првичната нега,  стручна помош и следење на состојбата по породување на новородените деца со цел за зачувување и унапредување на здравјето на тие мали и слатки бебиња е од непроценливо значење. Особено е важно да се соработува со добра медицинска сестра, таканаречена патронажна сестра. А нашата Вале е секогаш смирена, насмеана и полна со добрина. Таа, многу ни помага на нас вработените од Центарот за поддршка на згрижувачки семејства, но и на самите згрижувачки. Покрај беспрекорната професионалност со која неуморно делува секој ден веќе 35 години, Вале умее секогаш да внесе ведрина во домот.

Ти благодариме Вале, ти си пример за тимска работа и професионалец кој со огромна љубов и посветеност помага на нашите згрижувачки семејства.

Благодарност и до  патронажната служба при Поликлиника Ченто, Здравствен дом Скопје.

Објавите од рубриката  МАЛИ ДЕЛА, ГОЛЕМИ ВЛИЈАНИЈА  имаат за цел да ве поттикнеме Вас, наши драги ФБ пријатели,  да придонесете во унапредување на работа на Центарот за поддршка на згрижувачки семејства, дури и доколку ,од разни причини, не можете да станете згрижувачи.

За помош и поддршка има повеќе начини…за нас најпосакуваниот е да станете наши промотори-регрутери.

Доколку познавате некој за кого мислите дека има голема веројатност да стане згрижувач, пренесете ја нашата порака, споделете го нашиот телефонски број 075277447 и поттикнете го лицето да не побара за повеќе детали.

Тогаш дури и кога не се занимавате директно со  згрижување, позадински и тоа како помагате да се оствари нашата визија ТОПОЛ ДОМ И ГРИЖА ЗА СЕКОЕ ДЕТЕ.