Кога почина мојот брат, а наскоро потоа снаата ги напушти децата и семејниот дом многу природно ми беше јас да ја преземам грижата за моите внуци. Најважно ми беше тие два ангела да останат со своите најблиски и во свето семејството … со бабата, чичковците, тетките, братучедите… научивме дека заедно полесно се поднесува загубата, а и поубава е радоста… заедно растевме, ги учевме првите букви, се боревме со математиката, ја доживувавме возбудата од првата љубов … Нашата семејна приказна ни помогна да станеме посвесни и почувствителни за тешките судбини на децата кои остануваат без родители или родителска грижа.
Мојата сопруга исто такa стана згрижувачка. Пред околу една и пол година во нашето семејство дојде едно мало девојченце кое сеуште немаше наполнето ни една година… кога ја земев во прегратка веднаш се препознавме и засакавме, како секогаш да било така… Нашиот живот доби нова димензија … некако сите не’ разнежни ова мало девојченце. Батковците добија помала сестричка, а таа доби батковци и заштитници. Сега веќе пораснавме одиме, зборуваме, возиме велосипед со помошни тркалца, цртаме, а понекогаш им правиме пита на батковците. Слободно можам да кажам дека ние сме богати луѓе, а нашиот скромен дом е исполнет со детска врева….

