Добра пракса кај згрижувачките семејства Вера Смилевска
февруари 15, 2023

Вера Смилевска има 58 години, сопруга и мајка на две полнолетни девојки. Пред да одлучи активно да се занимава со згрижување Вера била работно ангажирана во Алкалоид, како општ работник. Пред да дознае за згрижување на деца без родители и родителска грижа,  работела и како неговател во дом за стари лица.

По случајна средба со пријателка, која во минатото активно се занимавала со згрижување, за прв пат слуша за повикот згрижувач . Во неврзан разговор, дознава за начинот на функционирање, начинот на грижа, односно за животот на еден згрижувач. Средбата ја тера да размислува и оваа можност ја споделува со своето семејство. На нејзино изненадување, нејзиното семејство реагира крајно расположено да се вклучи во оваа приказна. Како и самата што знае да каже – одлуката беше нивна. Од тогаш, се поминати  7 години, во кои Вера почнува како општ, а последните три години и како специјализиран згрижувач. Во овој период има згрижено 15 деца, од кои 2 со попреченост, кои сесеуште се во нејзина грижа.

По средбата и одлуката да аплицирам на отворениот повик за згрижувач, се јавив и закажав средба со одговорното лице од СОС Детско село. Уште при првиот контакт детално ми објаснија што значи згрижувањето како функција.  Си реков, да пробам, но сеште имав сомнеж во што се впуштам. На почетокот бев збунета, исплашена дали ќе се снајдам дали ке се вклопам, дали ке бидам прифатена од децата , но со тек на време тие сомнежи паднаа во вода. Најпрвин со обуката ПРИДЕ , а потоа и со поддршка на стручниот тим, членовите на моето потесно семејство многу лесно и брзо се вклопив.

 

 

Сметам дека поддршката е најважна, особено на почетоците. Во оваа прилика сакам да порачам до сите сегашни и идни згрижувачи, да не се воздржуваат да побараат помош или совет. Ја поздравам мојата блиска пријателка Бисера Рамани, која многу ми помогна во целиот процес.

А што се однесува до секојдневието…. Секој ден е различен, секој ден е приказна за себе.

Во изминативе 7 години , со поминати 15 згрижени деца, научив дека секое дете е различно , секое дете има свои потреби и добри и лоши денови, но нивната благосотојба, нивното здравје, нивната насмевка е тоа што бутка да одам напред и целосно ме исполнува.

Заедно ги поминуваме сите детски и пубертетски болести – единици, петки, бегање од часови, првите љубови, првите бакнежи, првите разочарувања и првите солзи. Една од првите мои згрижени деца, сега веќе возрасна девојка со офоремно семејство и реализирана како мајка, до денешен ден ми се обраќа  за совет. Тоа ми значи. Доаѓаат на посета децата кои заминуваат од мојот дом и врските ни останаа трајни. Се грижев за две деца кои се обединија кај своите семејства, но секоја година за Велигден, традиционално доаѓаат на семеен ручек.  Дури и моите ќерки, кои се веќе возрасни се уште контактираат со некои од згрижените деца. Што повеќе да кажам од ова? Похуман и по благороден повик, не постои.

Единствена што жалам, кога размислувам за моето време поминато како згрижувач, е што не дознав за повикот порано 😊

Доколку сакате да дознаете повеќе околу згрижување јавете се на телефонскиот број 075-277-447.