Јасминка Кочанковска , психолог од Центарот за поддршка на згрижувачки семејства, зборуваше за важноста на обезбедување траума-информирана грижа во рамките на алтернативната грижа, вклучително и во згрижувачките семејства.
На панел-дискусијата, таа нагласи дека е од клучно значење згрижувачите и професионалците кои работат со деца со трауматски искуства да бидат соодветно обучени за препознавање и справување со последиците од траумата. Обуките за траума-информиран пристап им помагаат на згрижувачите да создадат сигурна и поддржувачка средина за децата, овозможувајќи им да изградат доверба и да се развиваат во стабилно и грижливо опкружување.
Слушнете што кажа Јасминка Кочовска за значењето на овие обуки и нивното влијание врз грижата за децата.
„И покрај возбудата која ја имам , ми претставува големо задоволство да се обратам пред сите Вас и да посведочам за активностите кои се реализирани во рамките на Проектот и за кои сите кои бевме, а и сеуште сме инволвирани, – сметаме дека се од огромно значење. Тое се бројните активности чиј заеднички именител е Грижа за деца и млади во алтернативна грижа и згрижувачки семејства заснована на знања за траума. ( или како што ние кратко ја нарекуваме Траума Информирана Грижа).
За разлика од порано кога се мислеше дека траумата им се случува на деца и луѓе каде има војна , тертосистички напади, глад итн., веќе од крајот на деведесетите години на минатиот век, моравме да ја отфрлиме таа заблуда. Резултатите добиени од едно опсежно истражување (Анда & Фелити) беа отрезнувачки и брутални. Имено, се констатира дека две третини од возрасните луѓе имаат доживеано најмалку едно негативно, непријатно, трауматско искуство во детството.

За жал, истражувањето пoкажа и дека ефектот од таквите неповолни , трауматски искуства има влијание врз равојот и работата на нервниот систем, имунолошкиот систем , социјалните интеракции и врски и има кумулативен , долготраен и девастирачки ефект врз физичкото, менталното здравје и социјалните исходи на луѓето во нивниот понатамошен живот како возрасни . Накратко, се констатира дека колку повеќе некој во детството имал негативни искуства , толку е поголем ризикот дека покасно , како возрасен ќе има здравствени ( физички или ментални) и социјални прблеми.
Но, ваквото истражување исто така укажа и дека „Работите кои може да се предвидат – може и да се превенираат!“ Раните негативни искуства „не се лична судбина“ на поединецот . Поединецот заедно со опкружувањето може да превземат дејства за да го спречат или намалат ризикот од нивното идно негативното влијание.
Децата и младите кои влегуваат во алтернативна грижа и во згрижувачки семејства во најголем број се деца и млади кои имале негативни искуства и кои носат тежок товар кое ни едно дете не би требало да ги искуси. Биле напуштени, или запоставени, или злоставувани – економски, физички, психички или сексуално, живееле со само еден родител, или имале родител со ограничени родителски капацитети заради попреченост или ментална болест , или имале родител кој бил зависник , кој бил во затвор, кој бил насилен – каде едниот го убил другиот, или двата родители загинале од насилна смрт итн, итн….. Како што може да се увериме , траумата не се случува „таму некаде и некому“….Траумата му се случува секојдневно на децата во нивните домови, во нивните семејства , во нашите животи…и на индивидуално и на колективно ниво ,.. како што за жал посведочивме пред само 10 дена.
Заради тоа, адресирањето и разбрањето на ваквите трауматски искуства не е само значајно и важно, ами е имератив!
Затоа, пристапот во грижата заснован на знаење за траума е од витално значење кој може да го трансформира животот на оваа најранлива категорија на деца и младинци кои државата им ги доверила на грижа на згрижувачките семејства.
Овој пристап има за цел да ги опреми и поддржи учесниците – на индивидуално и на колективно ниво, да обезбедат и осигураат безбедна средина и да го помогне нивното закрепнувањето. Меѓу основните принципи на кои се темели овој пристап се и тие дека: траумата треба да се разбере од перспектива на детскиот развој и од перспектива на екологијата , односно односите и врските со околината и опкружувањето; дека закрепнувањето од траумата е можно само во рамки на постојани и грижливи релации; како и тоа дека патот на закрепнување треба да биде партнерство.
Сите кои во рамките на Проектот бевме вклучени во различни активности и учествувавме како обучувачи, како обучени стручни работници и згрижувачи , како членови во работни групи – сите ние станаме агенти на влијание и промена во областа на грижата за деца и млади кои биле изложени на траума. Сите ние поттикнавме и направивме мали, но пионерски, и затоа значајни промени во пристапот кон, и практикување на знаењето за траума во грижата за корисниците. Тоа се огледа преку : зголемената осетливост за препознавање на траумата и нејзините знаци , нејзиното именување, поддржување на промената за говорот и користење на позитивен говор, преку обиди и внесување на пишани записи во документацијата која ја произведуваме и користиме како стручни работници, преку создавање на организации кои испорачуваат услуги засновани на знаење за траума и преку внесување на менталното здравје и грижата за него во основните документи и правилници од областа на нашата работа.

Со практикувањето на овој пристап можеме силно да влијаеме врз животите на овие деца и семејства за да го намалат ризикот во иднина да се соочуваат со лични или со социјални потешкотии.
Заради тоа е потребно да се обединиме сите – згрижувачи, стручни работници, креатори на политики и членови на заедницата, – и заедно и посветено да работиме на тоа – Грижата заснована на знаење за траума , да стане стандард во нашиот систем на згрижување.
Преку нашиот колективен напор можеме да создадеме опкружување во кое секое дете, без разлика на неговото минато, може да најде надеж и закрепнување.“
Јасминка Кочанковска, дипломиран психолог, самостоен стручен службеник во Центар за поддршка на згрижувачки семејства – Битола

