Интервју сo Јулијана Шумкоска , Раководител на Служба за советување
мај 17, 2023

1. Што прават СОС Советувалиштата за да превенираат напуштање на деца од биолошки
семејства?

Советувалиштата имаат за цел, децата да останат во своите биолошки семејства. Водејќи се од паролата „Најдобро место за раст и развој на едно дете е неговото биолошко семејство“, Советувалиштата при СОС Детско село, целат кон зајакнување на капацитетите на семејствата во социјален ризик и кон создавање на семејства опкружени со љубов, почит и сигурност. Работиме директно со родители и деца преку нашите Советувалишта. Ги советуваме родителите и децата за намалување на конфликти и насилство во семејството; Ги информираме родителите и децата за детските права и осигурување безбедност на деца; Ги советуваме родителите да стекнат знаења и да развијат вештини за позитивно родителство; Ги советуваме децата и младите како да изградат позитивни социјални вештини и ги мотивираме да станат личности кои придонесуваат во развојот на општеството.

2. Дали се вклучувате тогаш кога децата се враќаат во биолошките семејства?

СОС Советувалиштата даваат помош и поддршка на семејства со нарушени семејни односи, родители со слаби родителски компетенции, деца и млади со слаби животни и социјални вештини, деца и млади со несоодветно однесување и семејства кои се подготвуваат да ги прифатат назад своите деца од алтернативна грижа. Изминативе години сме имале неколку случаи кога советниците се вклучувале во поддршка на биолошките родители по враќањето на нивните деца, кои привремено биле сместени во
згрижувачки семејства. Редовно соработувавме и имавме координација со тимот од Центарот за поддршка на згрижувачки семејства и ЈУ Меѓуопштински центар за социјална работа на град Скопје. Нашата улога е да ги зајакнеме биолошките родители со цел квалитетна грижа за децата, да ги поддржиме децата и младите за полесна адаптација во новите услови на семејно живеење, да
ги поврземе родителите со институциите и организациите од нивната заедница, со цел користење на услуги кои им се најпотребни.

 

3. Шумкоска, вие и самата сте тренер за ПРИДЕ методологијата за обука за потенцијални
згрижувачи. Какво е вашети искуство со оваа методологија?

Јас имав прекрасна можност да бидам дел од првиот тим обучувачи за ПРИДЕ методологијата во Македонија, уште од мај 2014 година. Спроведов неколку циклуси обуки со групи потенцијални згрижувачи. Потоа, во 2016 година, поминав обука за ПРИДЕ Мастер тренери и станав лиценциран Мастер ПРИДЕ тренер во септември 2016 година, со што имав можност стекнатите знаења и вештини да ги споделам и со вработени од Центрите за социјална работа од повеќе градови од нашата држава.
Моето искуство е дека оваа Методологија е многу уникатна. ПРИДЕ, е програма за развој и поддршка на постоечки и потенцијални згрижувачи.
Преку 9 едукативни сесии и метод на групна работа и интеракција меѓу учесниците, овозможува информации, стекнување со знаења и вештини, кои би им помогнале на потенцијалните згрижувачи да донесат информирана одлука дали ќе се вклучат во системот наnзгрижување. Сметам дека оваа методологија треба да ја поминат сите идни згрижувачи.

4. Која е вашата порака до сите оние кои се заинтересирани да станат згрижувачи? Како би
ги мотивирале?

Да се биде згрижувач е многу хумана професија, животен стил, исполнет со многу љубов, топлина, посветеност. Семејствата кои се заинтересирани за згрижување ќе имаат уникатна можност да се запознаат со радостите и наградите од згрижувањето и прифаќањето на децата на кои им треба дом и љубов.

Мојата порака е „Подај рака – промени живот“, силна порака која беше промовирана во
кампањата на СОС Детско Село.