Јагода Насковска е Магистар во социјална работа, семеен советник со долгогодишни искуство во полето на алтернативна грижа.
Во Центарот за поддршка на згрижувачки семејства е супервизор на стручната работа. Таа е сертифициран ПРИДЕ обучувач и во својот работен ангажман има обезбедено едукација за поголем број кандидати за згрижувачи.
Дава целосна поддршка на згрижувачките семејства во однос на грижа, справување со предизвиците во грижа, истовремено дава поддршка на стручните работници за квалитетно стручно постапување.
Со Јагода разговаравме на тема сместување во згрижувачко семејство.
Што е за Вас згрижувачко семејство?
Згрижувачкото семејство е особено важно во системот на социјална заштита, поради тоа што овој облик на грижа е најблизок до биолошкото семејство. На секое дете му е потребно семејство и заради тоа е особено важно да ја развиваме оваа мрежа на згрижувачки семејства, односно да мотивираме луѓе кои можат и имаат желба да прифатат дете во својот дом и онолку колку е потребно да ја заменат родителската грижа. Згрижувачкото семејство е сигурно и безбедно место за едно дете кое се нашло во состојба на ризик. За мене ова семејство на прва не се разликува многу од останатите семејства, но секако има голема разлика.
Имено гледајќи го правниот статус- згрижувачите не се родители на детето. Тие не можат истото да го посвојат. Нивната клучна улога е да се грижата за сите потреби на детето, но само додека тоа е сместено во нивниот дом. Во нивната функција тие соработуваат и со старателот на детето и со стручните лица од центарот за поддршка на згрижувачки семејства, но и со биолошките сродници на сместените деца.
Всушност околу детето постои еден професионален тим од стручни лица кои го следат неговиот развој и делуваат во најдобар интерес на детето.
Кои се предизвиците во процесот на регрутација и селекција на соодветни згрижувачи?
На нас како стручни лица важно ни е да допреме до вистинските кандидати. Во нашиот контекст има деца во различни категории на социјален ризик. Имаме потреба да сместиме деца интервентно ( итно сместување во времетраење од 1 месец) имаме потреба да сместиме деца кои имаат и одредени попречености, имаме потреба да сместиме деца кои имаат комплексни трауми.
Обично на почетокот, пред обуката за згрижување, кандидатите немаат свесност за ваквите состојби и предизвици на децата. Тие на обуката доаѓаат само со љубов и желба за помош. Низ обуката тие учат, ги јакнат нивните компетенции и ја разбираат целосната приказна околу згрижувањето. Наша задача е да ги научиме и да ги освестиме за овие состојби.
Некои од нив за жал се откажуваат за време и после обуката, но тоа е сосема во ред. Ние сакаме згрижувачите да донесат информирана одлука откако ќе го демистифицираат згрижувањето и децата на кои им е потребна грижа.
Особено е специфично што на обуките понекогаш се јавуваат кандидати кои не успеале да се остварат како родители. Со нив работиме внимателно.
Важно ни е сите обучени кандидати да ја разберат разликата помеѓу згрижување и посвојување и важно ни е да изградат реални очекувања.
Најголем предизвик во моментов ни е да регрутираме специјализирани згрижувачки семејства
Што би кажале за крај?
Горди сме на новите згрижувачи згрижувачи. Но особено сме горди на нашите искусни долгогодишни згрижувачи.
Горди сме што сме дел од еден голем поддржувачки систем кој ги штити децата и работи во нивен најдобар интерес.
Не би должела многу, но би сакала да апелирам до сите Вас кои можете да ја проширите оваа порака за нашата потреба од нови згрижувачки семејства, да ги упатите сите заинтересирани до нашиот центар или да им го споделите нашиот телефонски број 075277447.
Нам ни требаат што повеќе згрижувачи и се надеваме дека заедно со Ваша поддршка ќе успееме во нашата цел.

