Сведоштво на згрижувач
јануари 31, 2024

Јас и мојот сопруг бевме вработени, а нашите две деца беа веќе пораснати. Во тоа време, одев во Судот каде бев поротник. Еден ден присуствував на развод каде двајцата родители се изјаснија дека нема да продолжат да се грижат за нивните три мали деца. Во прв момент, бев многу изненадена и во шок, потоа почувствував голема тага за децата. Кога заврши судењето ја прашав судијката: што ќе биде со децата? Таа ми одговори дека ќе бидат згрижени во загрижувачко семејство и дека такви деца има многу.

Поминуваа денови, а јас не можев да престанам да ги мислам дечињата…По, неколку дена разговарав со сопругот и моите деца. Одлучивме да ги посетивме згрижувачките семејства во нашиот град и да се запознавме со децата и згрижувачите. Запознавме домови исполнети со многу љубов, детска смеа и меѓусебна грижа. Восхитувачки за нас беше поврзаноста меѓу згрижените дечиња со згрижувачите. Видовме многу детски очиња кои блискаат со искрената радост, доверба и почит.

Мене и на мојот сопруг не ни требаше многу време за да донесеме одлука и да се пријавиме во Центарот за социјална работа. Социјалниот работник кој не прими беше многу љубезен и ни ја објасни постапката која е задолжителна пред да станеме згрижувачко семејство…

Првата средба…

Кога ми го донесоа првото дете, имаше само три години. Тоа несигурно тргна кон мене и збунето ги подаде рачињата. Ја зедов во прегратка и почувствував голема љубов и среќа. Тогаш сфатив дека ќе бидам згрижувач се додека можам.

Веќе 7 години во нашето семејство згрижуваме дечиња, а во моментов се грижиме за две деца.

Да се биде згрижувач е потребно многу малку, а тоа е желба, поддршка од семејството и многу љубов која секојдневно ја даруваме.

Ако се прашувате дали сум подготвен да станам згрижувач?

Подготвени сте да бидете згрижувач, ако сте подготвени да прифатите дете во вашето семејство на кое ќе му дадете љубов и грижа, а при тоа ќе го почитувате неговото минато, културата од која доаѓа и семејните односи во кои растело.